По се она што се случи вчера на Арената против Дуделанж, но и една недела претходно со Номе Калју, но и по изминатата година без него, и дефинитивно може да се заклучи дека на оваа Шкендија и треба лидер од типот на Ферхан Буба Хасани. Тоа вчера на пресот го истакна и самиот тренер Ќатип Османи, кој напомена дека за жал тимот нема лидер кој ќе успее да се наметне над сите.

Откако тој си замина, минатиот јули, Шкендија не е истата екипа. Да, во минатата сезона победуваше, но тоа не беше тоа. Оваа екипа на Шкендија има квалитет и покрај сите ужаси и глупости што ги прави тимот ова европско лето. Има индивидуалци од кои може да се направи сосема добар, солиден па и одличен тим за групна фаза во Лигата на Европа. Но нешто недостига, тоа засега никој не може да го открие, тоа го признава и тренерот Османи кој вели дека сеуште не успеал да ги намести „коцките“ во посакуваниот мозаик.

Факт е дека деновиве се засилија шпекулациите околу враќањето на Буба. Тој по подолго време вчера ја гледаше Шкендија од трибините, но нашите информации говорат дека до договор се уште е многу далеку. Дека шанси има Буба одново да заигра за неговиот тим, но и тие дека засега, барем до синоќа, биле мали. Од друга страна многу важно е тоа што „балистите“ бараат тој да се врати, ете вчера јавно беше извикувано неговото име од навивачката група.

Логично Шкендија е во нокаут, навивачите, јавноста, спонзорот се гневни на резултатите на екипата во изминатите 7-8 денови. И на многу поголеми клубови ова им се случува, но тие знаат работата да ја свртат на своја страна, а таа е да направат потег со цел да се говори за нешто друго а не за катастрофалните резултати на екипата. Но Буба ќе треба само ако Шкендија го мине Дуделанж, односно победи на гости со два постигнати голови. На Шкендија и треба лидер, не и требаат на Шкендија цел куп индивидуалци кои како пауни се шетаат на теренот и од десетина зицери не знаат да ја тресат мрежата и за 270 европски минути постигнуваат само три голови и тоа сите од пенал.