Европскиот, региналниот и македонски првак Вардар, попладнево (17 часот) во СЦ „Јане Сандански“ ќе ги започне подготовките за новата сезона.

Новиот стратег, Шпанецот Давид Писонеро, на располагање ќе ги има сите ракометари на чии услуги ќе може да смета во новата сезона. Од „староседелците“ капитенот Стоилов, Дибиров, Шишкарев, Гедбан, Поповски, Скубе, Горбок, Чупиќ, Кристопанс, Дисингер, Мишевски и Кизиќ, како и новите вардарци голманот Артур Кугис, бековите Павел Атман и Хозе Де Толедо, крилото Димитар Димитриоски, како и кружните напаѓачи Сергеј Горпишкин и Домен Сикошек Пелко.

Планот на „црвено-црните“ вели дека тие до 2 август ќе тренираат во Скопје, а потоа се селат во Требиње, БиХ каде ќе продолжат со подготовки и ќе настапат на турнир, од 9 до 11 август на кој во групната фаза за противници ќе ги имаат Борац Бања Лука и домаќинот Леотар, а уште учествуваат и Металопластика, Изола и Извиѓач.

По враќањето од БиХ вардарци ќе тренираат во Скопје се до настапот на ИХФ Супер Глоуб во Саудиска Арабија од 27 до 31 август.

Слично како и лани, така и оваа сезона „црвено-црните“ тргнуваат со нов стратег, по заминувањето на Роберто Парондо и неговата асистентка Билјана Црвенкоска, која во следната сезона ќе го води ЖРК Вардар, а во стручниот штаб ќе недостасува и кондициониот тренер Марија Лојаница.

Од тимот заминаа и голем број на ракометари, Игор Карачиќ, Рожерио Мораес, Вуко Борозан, Дејан Милосављев, Глеб Калараш, Јања Војводиќ, Владо Недановски и Дмитри Кисељев.

Главната разлика од лани е тоа што Вардар во новата сезона влегува како двократен европски првак и бранител на елитната титула. Петкратен освојувач на СЕХА-лигата и бранител на трофејот, како и македонски првак, со 12. национални шампионски пехари.