Марија Ковачева

По само една година и пол мината во Малта, македонскиот тренер Саша Димитријевиќ доби селекторска функција во националниот тим на оваа земја. Челниците на тамошната федерација му ја доверија репрезентацијата до 18 година која ќе настапи на Европското првенство Ц Дивизија во Андора, натпреварување кое стартува утре.

Од Димитријевиќ кој има големо искуство со младите кошаркари (творец е на првата школа за мини-баскет Јуниор, тим од кој излегоа големи таленти) се очекува оваа генерација да ја искачи скалило погоре.

Македонскиот тренер во Малта направи вистински „бум“, оваа сезона со Атлета Гзира ја освои двојната титула во тамошното првенство. Димитријевиќ работи во Националната Академијата за спорт, задолжен за развој на кошарката. Па оттука воопшто не е чудно што токму тој ќе ја води селекцијата до 18 години.

„За оваа генерација веќе подготвувам план за работа за следните четири години. Кошаркарите до 18 години се посебно важни, бидејќи во 2023 година Малта ќе биде домаќин на „Игрите за мали земји. Федерацијата уште сега прави стратегија за ова натпреварување“, вели за „Спортмедиа“ Димитријевиќ, кој веќе има искуство како селектор и тоа во Македонија, ја предводеше генрацијата 1997/98.

Малта на ЕП Ц Дивизија е во група со Гибралтар, Албанија, Ерменија и Сан Марино. Кои се целите за ова првенство?

„За федерацијата резултатите се во втор план. Целта е да играме мечеви и да собереме искуство. Како што кажав тука има развиено добра стратегија, па токму затоа одлучивме да дојдеме со кошаркари една година помлади. Целта е да направам уште еден циклус со нив, па дури следната година ќе го видиме вистионскиот резултат“.

Со Атлета Гзира успеавте да ги освоите двете титули, во првенството и во Купот. Ова е голем успех за клубот, особено во тамошниот шампионат, завршивте на третото место во регуларниот дел…Каков е квалитетот на лигата во оваа земја, што е најважно за клубовите?

„Минатата година квалитетот беше подобар, секој тим имаше по четири-пет странци, најчесто тоа беа Американци кои го подигнаа нивото на лигата. Најдобрите странци без проблеми би можеле да играат во нашите најдобри клубови. Во првенството имаше седум клуба, па секој секого може да победи, беше доста изедначено.

Од оваа година ќе се намали бројот на странци, во игра максимум имаат право да влезат само двајца, останатите играчи ќе бидат домашни. Причината е стратегијата за 2023 година, федерацијата и клубовите сакаат да направат голем чекор на национален план.

Што се однесува до титулата во првенството, беше доста изедначено, ние завршивме на третото место, а потоа во полуфиналето и финалето одигравме без пораз“, вели Димитријевиќ.

Нашиот тренер е посебно горд што во првиот тим вклучил двајца млади играчи…

„Најважно е дека промовиравме двајца млади играчи. Еден од нив има 17 години, а играше по 30. Минути, што пак е голем успех, ако се земе во предвид дека ги освоивме двете титули“.

Во Малта дојде на покана да работиш во Националната Академија за Спорт, како тренер и професор. Како функционира?

„Имам врвни услови за тренинг, работам со селектирани деца. Се обидувам моето знаење и искуство да го пренесам на најдобар можен начин, најважно е што децата сакаат да тренираат. Не се талентирани како нашите, но имаат голема желба за напорна и системска работа која сигурен сум дека ќе донесе добри резултати“, заврши македонскиот тренер.