Возачот на Ред Бул Макс Ферстапен победи на трката за Големата награда на Германија на популарната патека Хокенхајмринг попладнево што е негова седма победа во кариерата, а втора оваа сезона после триумфот на австриското Гран при. Во драматична и возбудлива трка второто место го освои Себастијан Фетел од Ферари иако тргна од 20-тото место на гридот после очајните квалификации, а трет беше возачот на Торо Росо Данил Квијат. Следуваа Ларс Строл од Рејсинг поинт и Карлос Сајнц од Мекларен.

Мерцедес имаа катастрофален настап. Нивните „сребрени стрели“ се мачеа на патеката, а главниот адут Луис Хамилтон не памети кога последен пат имал волку лоша трка. Имаше големи проблеми, неколкупати влегуваше во боксот, одработе и две казни… па на крајот не само што остана без место на подиумот дури и без бодови (11 позиција). И другиот адут на Мерцедес Валтери Ботас некако во страв ја извозе трката, имаше и едно излетување и тој не успеа да донесе бодови за шампионите.

Влажната патека ја направи трката на Хокенхајмринг драматична и возбудлива. Многу излетувања, многу грешки, казнени поени, извртувања, чести влегувања во боксот… Уште по пет-шест круга дел од возачите мораа во боксот да менуваат пневматици за суво време. Атмосферата се вжешти некаде пред 30-тиот круг. Норис и Строл излетаа и ја завршија трката. Во тие моменти реагира Ферари со тоа што го испраќа Леклер на промена на гуми и доаѓа до второто место, во тие моменти Хамилтон се уште е прв, а од третото место па натаму: Ботас, Ферстапен, Хулкенберг…Фетел е дури осми.

Во 30. круг Леклер излета во моментите кога требаше пристојно да ја намали разликата и да му се приближи на Хамилтон кој влезе во бокс. Како што Хамилтон се изврте и удри во заштитниот ѕид поради што го оштети болидот и притоа направи грешка при влегувањето во пит лејн, па го менуваше предниот дел, гумите, крилото и се задржа цели 50 секунди. Во тие моменти Леклер имаше шанса за изненадување но излета од патеката и се заби во рекламите!

Додека Ферари се фаќаат за глава поради Леклер, ривалот Хамилтон падна на петтото место, а плус доби казна од 5 секунди поради непрописно влегување во пит лејн. Па така се наредија Ферстапен, Хулкенберг, Ботас, Албон, Хамилтон на првите пет места.

Во 41. круг нови излетување. Нико Хулкенберг ја изгуби контролата и се заби во рекламите.

Во 46. круг Хамилтон ја презеде првата позиција откако голем дел од водечките отидоа во пит стоп, а два круга подоцна Хамилтон, Раиконен и Фетел отидоа на промена на гумите, па во тие моменти Ленс Строл беше лидер на патеката.

Во 50. круг Хамилтон ја одработи казната во текот на трката и заврши на 12. позиција, Ферстапен си го врати првото место, пред Строл, а зад него останаа Квјат и Ботас.

Неколку секунди подоцна Хамилтон се изврте на патеката и повторно замина во боксот поради што падна на 15 место после 56. круг.

А после 57. круг нови неволји за Мерцедес. И Валтери Ботас излета и не ја заврши трката.