Шкендија утре попладне (17:55 часот) на гости во Луксембург го игра реваншот со Дуделанж во второто квалификациско коло од Лига Европа, а и покрај негативата од 1:2 по првиот меч на домашен терен голгетерот на нашиот шампион смета дека постојат реални шанси тимот да се најде во следната фаза од европското клупско натпреварување.

„Ништо не е завршено со првиот меч. Мислам дека нашето искуство ќе ја направи разликата. Покажавме добра игра и во Скопје, но факт е дека резултатот е тој што има клучна улога во ова натпреварување и мора да одиме по тоа што го сакаме. Влегуваме во овој меч самоуверени, смирени, има добра атмосфера во тимот и не се сомневам дека ќе победиме“, истакна Агим Ибраими на прес-конференцијата пред реваншот и додаде:

„Мора да си ја завршиме нашата работа на теренот. Ако го спроведеме договореното тогаш ние ќе бидеме тие кои ќе се радуваат на крајот. Јасно дека не сме во добра позиција имаме гол негатива од претходниот натпревар, но за нас нема да биде важно дали ќе погодиме од игра или од пенал, важно е да се најдеме во следната рунда. На првиот дуел создадовме многу шанси, но без реализација, се надевам дека утре ќе бидеме поуспешни во тој сегмент. Лично, мислам дека ќе се најдеме во следната фаза.“