Одбојкарскиот репрезентативец Александар Милков в среда ќе им се приклучи на своите соиграчи од националниот тим на подготовките во Маврово за настап на ЕП во септември.

По повредите на Ѓорѓи Ѓорѓиев и Филип Маџунков, една добра вест за селекторот Никола Матијашевиќ кој ќе може да смета и на искусниот примач во продолжението од подготовките. Со неговото доаѓање се комплетира примачка дијагонала, но дали Милков ќе се најде и во конечниот избор за ЕП ќе зависи од неговото колено, кое беше и главната причина за досегашното отсуство.

Репрезентацијата во Маврово останува до средината на август, а потоа следи серија пријателски натпревари во пресрет на дебито во групата Ц во Љубљана заедно со Словенија, Русија, Финска, Белорусија и Турција.