Двократната олимписка победничка и светската шампионка на 800 метри, Кастер Семења нема да може да ја брани титулата на Светското првенство во Доха, кое ќе се одржи од 28 септември до 6 октомври годинава.

Врховниот суд во Швајцарија не ја прифати нејзината жалба за одлуката на Интернационалната атлетска федерација (ИААФ) која ја суспендираше поради високото ниво на тестостерон во нејзиното тело.

„Многу сум разочарана што сум спречена да ја бранам тешко стекнатата титула. Таа одлука нема да ме спречи да се борат за моите човечки права“, изјави јужноафриканската атлетичарка.

ИААФ строго се држи на правилата дека атлетичарките кои имаат природно високо ниво на тестостерот е потребно да го намалат за да може да се тркаат на патеките од 400 метри до една милја, или во спротивно би требало да ја сменат дисциплината или да се натпреваруваат во машка конкуренција.

Од Семења во 2009 година беше побарано да направи и тестови за полот, но резултатите никогаш не беа објавени. Таа е најпознатата спортистка со високо ниво на тестостерон и ИААФ смета дека тоа и дава предност пред конкуренцијата, па затоа ја суспендира.

Семења доминира од 2012 до 2016 на сите трки на 800 метри, а во истата дисциплина е светски првак и во 2009, 2001 и 2017 година.