Пишува: Зоран Ѓоршоски

По онаа срамна елиминација на Шкендија од Европа, време е за средување на „сметките“. Што сакавме, а што добивме од нашите клубови во фудбалска Европа. Сакавме минување на барем едно коло за Шкупи, Македонија ЃП и А. Пандев, и секако дека посакувавме Шкендија конечно да го достигне Вардар и да заигра во групната фаза во ЛЕ.

А добивме катастрофа, срам, бламажа. Ние ниту европски август не можеме дa го „фатиме“, а сакаме групна фаза. За нас сега и август е само далечен сон. Нашите екипи одиграа 10 натпревари, имаме само една победа, две ремија и дури седум порази со „фантастична“ гол разлика 9:22.

Нашите клубови, тука мислиме на оние кои ова лето настапија во Европа, навистина се посрамотија, ја посрамотија Македонија. А бе толку да не се знаело, толку да се немало барем она основното и да се помине макар едно квалификациско коло, барем една екипа, навистина несфатливо.

За нас фудбалска Европа заврши и пред да почне. Нема што, го допревме дното, а како ќе се извадиме од оваа „каша“, е за тоа треба самите клубови да си кажат. Сега сме во друштво на оние најслабите, најаматерските земји кои немаат веќе претставници во Европа. Секако дека најмногу боли тоталниот крах на „европската Шкендија“, за која има да се пишува и пишува.

Сега кога се „разбудивме“ од европскиот сон, а искрено не ни заспавме убаво па да се будиме, е сега ќе мора да се занимаваме со „домашниот производ“. Со тоа кој каде ќе суди, со тоа дали може да се игра на овој терен, која навивачка група е националистичка а која не, кој кого фаворизира. И се така до јуни следната година…следниот настап во фудбалска Европа.

И тогаш одново, нас не не бива за фудбал, ние сме катастрофа…