Кукс, вицепрвакот на Албанија, според пишувањето на медиумите кај нашиот западен сосед е вмешан во скандал со местење на натпревар од минатиот шампионат.

И тоа не би било толку интересно за нас ако се знае дека спортски директор на Кукс е Ндерим Неџипи, а од пред десетина денови тренер е Шпетим Дуро. Исто така во тој клуб играат и нашите интернационалци Ардијан Цуцули, Едис Малиќи и Томе Китановски.

Имено според „Панорамаспорт“, кој ексклузивно пишува за наводниот скандал, на 30 мај мечот меѓу Кукс и Кастриоти кој завршил со резултат 3:1, бил многу сомнителен, и тоа откако се видело колку уплата имало во обложувалниците за тој меч.

Со оваа афера била запознаена и УЕФА, а интересно е тоа што и двата клуба експресно реагирале и жестоко ги демантирале овие написи на медиумите. Колку за споменување Скендербег за некои слични дејанија е казнет со 10 години забрана за настап на УЕФА натпреварите.