Првпат во историјата женски судија ќе суди натпревар на машки тимови во некое УЕФА натпреварување. Французинката Стефани Фрапар ја доби таа чест да го суди дуелот меѓу освојувачот на Лигата на шампионите Ливерпул и победникот во Лига Европа Челси во рамките на УЕФА Суперкупот на 14 август кој ќе се одигра во Истанбул на стадионот на Бешикташ.

35-годишната судијка претходно го судеше финалето на женското Светско првенство помеѓу Соединетите Американски Држави и Холандија, а таа во април дебитираше во француската Лига 1 со тоа што го судеше мечот меѓу Амиен и Стразбур.

Фрапар ќе добие помош од асистентките Мануела Николоси (Франција) и Мишел О’Нил (Република Ирска). Четврти судија е Џунејт Чакир од Турција.