Откако на така срамен начин се прости од Европа, уште во јули, во Шкендија наголемо се подготвува „чистка“. Уште поточно, во моментов, така барем велат нашите информации, трае операцијата „метла“. Со неа се или ќе бидат зафатени речиси сите раководни структури, потоа веројатно целиот стручен штаб, прашање е само што со Ќатип Османи, а и дел од играчите нема да ја избегнат „метлата“. Спонзорот, односно семејството Дестани кое веќе шест години раководи со клубот, едноставно ќе нема милост. Ова е голем удар и за клубот, но и за спонзорот. Во тетовската фудбалска чаршија веќе наголемо се прикажува за тоа кој се добил отказ, кој понудил оставка. Се засилуваат и шпекулациите дека доаѓањето на Лорик Цана како претседател или спортски директор е веќе готова работа. Се очекува само тој официјално да каже „ДА“ и да го презентира својот тим со кој ќе работи во наредниот период. А тие што досега беа во Шкендија, нека се замислат каде и зошто грешеа, зошто дојде клубот до ова дереџе. И зошто за само две недели се покажаа на виделина сите слабости кои клубот ги имал, а биле „покриени“ со добрите резултати на домашна сцена и освојување на титулите.