Кој ли само можеше да очекува дека новиот херој на ЦСКА Софија, односно на фановите на „армејците“, од вчера ќе биде Македонецот  Иван Тричковски. Да потсетиме дека тој вчера во квалификациите во ЛЕ му “стегна“ четири голови на Левски среде Софија, а познато е ривалството на овие две екипи. Па така сега по социјалните мрежи „црвената“ фудбалска половина во Бугарија си игра мајтап со онаа „сината“ и го слави нашиот Иван Тричковски.

„Видете, не е мала работа на тренинг да се постигнат четири голови, а камоли на еден европски натпревар и тоа на гости кај еден Левски“ вели Иван Тричковски, специјално за „Спортмедиа“ во телефонското интервју.

„Само што стигнавме во Ларнака, уморен сум, но воедно и пресреќен. Ми годат сите оние силни написи во медиумите. Кај вас прочитав и за тие рекорди. Да, реков дека сум среќен, но кај мене задоволството е поголемо што со овие мои голови и на мојот клуб му помагам да оди понатаму и да бележи добри резултати. Искрено, пред мечот ни во сон не помислив дека ете токму сега ќе постигнам четири голови, нешто што досега не сум го направил во мојата кариера. Но кога ќе тргне, навистина тргнува што се вели. Се разбира имав и помош од моите соиграчи, сепак најважно е што одиме натаму.Сега во 3.квалификациско коло во ЛЕ не чека двомеч со Гент. Читав во белгиските медиуми кои наголемо веќе го најавуваат тој дуел меѓу АЕК Ларнака и Гент, па и поради фактот дека јас имам играно во Белгија, во Бриж и Беверен. Се радувам на тие средби со Гент, кој навистина е одличен тим“ вели популарниот Тричко.

 

 

 

МАКЕДОНЕЦОТ Е ПРЕДВОДНИКОТ НА ТИМОТ ОД ЛАРНАКА

„Тука, во АЕК Ларнака на Кипар, сум веќе четврта година, и веднаш да кажам дека уживам. Играм добро, играм во голем клуб, прекрасно ми е. Уште повеќе кога гледам како сите во клубот, па медиумите и јавноста овде на Кипар, ме почитуваат и респектираат, како човек и како фудбалер.  А јас моето гледам да си го одработам најдобро што можам. Дека сум прифатен на најдобар можен начин, доказ е и тоа што сега сум капитен на АЕК. За мене тоа е голема одговорност, но и привилегија. Почнав како трет капитен, па како втор, а еве веќе сум прв капитен. Тоа нешто значи, тоа мене ми дава уште поголем мотив да бидам тоа што сум сега“.

 

 

ЕДВАЈ ЧЕКАМ ДА ДОЈДЕ СЕПТЕМВРИ…

Иван Тричковски веќе неколку години наназад, важи за еден од најдобрите наши репрезентативци. Но во последно време немаше среќа, иако се наоѓаше во страшна форма, се нешто се случуваше, некоја повреда пред собирот…

„Така е. Како некој малер да ме тераше, сепак сега се е поинаку. Сега сум здрав, играм во добра форма и едвај чекам да дојде септемврискиот квалификациски циклус. Не треба да говорам дека за мене секогаш е репрезентацијата нешто посебно. Сум го давал и ќе го давам се она најдоброто од себе за голови, победи, успеси на нашата селекција“ рече на крајот четирикратниот стрелец на синоќешниот меч во Софија.