Аргентинската фудбалска ѕвезда Лионел Меси доби сериозна казна поради коментарите за време на Копа Америка ова лето. Јужноамериканската фудбалска конфедерација (КОНМЕБОЛ) го суспендира 32-годишниот капитен на „гаучосите“ на три месеци и го казни со глоба од 45.000 евра.

Двете санкции се поради неговите обвинувања за корупција во Јужноамериканската фудбалска конфедерација по мечот за третото место со Чиле, кога одби да го прими бронзениот медал. За време на истиот натпревар фудбалерот на Барселона доби црвен картон поради конфликт со Гари Медел за што доби казна од еден натпревар.

Тоа значи дека Меси ќе ги пропушти пријателските натпревари против Чиле, Мексико, Португалија и Германија, како и првиот квалификациски натпревар за Светското првенство 2022 година. Па така тој може да одигра натпревар за националниот тим дури во март 2020 година.