Македонија тргна со пораз на Светското кадетски првенство во Скопје, а првиот удар ни го зададе Аргентина. Кадетите на Данило Брестовац имаа лош почеток и финиш на мечот, а тоа ги чинеше и први загубени два бода во групата Ц.

Светла точка во нашата селекција беше голманот Марко Кизиќ, чија одлична реализација меѓу диреците не ја искористивме во нападот.

„Како да имавме лош ден сите, игравме комплетно во грч… имавме предност која ја прокоцкавме многу лесно. Не игравме опуштено, не игравме како што знаеме. Можеби тоа се должи на фактот дека сме дебитанти на ова СП, имавме многу грешки, многу паѓавме и тоа донесе лош резултат. Сè си играше своја улога да има осцилации во играта… Тешко ни падна поразот, но не е ништо загубено, имаме уште четири меча од групната фаза. Главата горе има уште многу да се игра“, вели чуварот на мрежата.