Шест гола на првите два меча од 3. квалификациско коло на Лигата на шампионите. Најинтересниот се играше во Солун каде ПАОК се пресмета со минатосезонскиот полуфиналист Ајакс. Мечот заврши со 2:2. Ајакс поведе, ПАОК го сврти резултатот во своја корист, но Холанѓаните не дозволија пораз. На Кипар големо изненадување. Карабах го среди домаќинот АПОЕЛ.

Ајакс добро се носеше со навивачката атмосфера на преполниот „Тумба“. Како искусна чета се бореше и ги разбиваше противничките дефанзивци.

Но да одиме со ред. Не  може, а да не се заобиколи оној контроверзен транспарент на грчките навивачи послан на стадионот „Тумба“, а на кој ниту судиите, ниту делегатот на УЕФА не реагираа, а требаа да го направат тоа бидејќи така налагаат правилата (ПОВЕЌЕ ОВДЕ).

Инаку мечот почна ефикасно. По првите 45 минути три гола.

Холандскиот првак со почна по планот. Хаким Зијеш стигна пред противничкиот голман на нафрлената топка од слободен удар и ја погоди мрежата за водство. Но во 32. минута по фантастичниот контра-напад на грчкиот тим, Јанакопулос уфрли од левата страна на 15-тина метри, а Акпом во трк ја смести топката во мрежата. Само седум минути подоцна Бисесварт нафрли од слободен удар, а Лео Матос со глава го совлада ајаксовиот голман Онана.

Но холандскиот шампион изедначи во 57. минута откако Варела во обид да расчисти ја шутна топката во нозете на Хунтелар, а таа се одби и заврши во мрежата. Ајакс има добар резултат пред реваншот во Амстердам.

Ајакс остана непоразен и во петтиот дуел со солунски ПАОК (шести ако се смета и еден пријателски).

Големо изненадување на Кипар. АПОЕЛ загуби дома од азербејџанскиот Карабах со 2:1. Трите гола паднаа во второто полувреме. Прво Емрели ја начна мрежата на домаќините, а потоа погоди и Геје за висока предност на Карабах. Голот кој дава надеж за АПОЕЛ го постигна Меркис во петтата минута од судиското продолжение на мечот.