Црвена Звезда не успеа да го победи Копенхаген во првиот меч од 3. квалификациско коло за Лигата на шампионите. Пред 41.000 гледачи на стадионот „Рајко Митиќ“ во Белград, српскиот шампион имаше игра и повеќе шанси но за жал не успеа да избори предност.

„Црвено-белите“ имаа водство, но го прокоцкаа во финишот на мечот па со реми 1:1 ќе патуваат на „Паркен“ во Копенхаген на реваншот. Звезда поведе во 44. минута. Иваниќ се бореше да шутира од работ на шеснаесетникот, топката дојде до Милан Павков кој шутира силно, топката закачи некој од дефанзивците на Копенхаген и го лобува нивниот голман.

Во 83. минута судијата досуди пенал за Копенхаген откако во казнениот простор на Звезда падна Биел по дуелот со Јованчиќ. Младиот Јонас Винд со „паненка“ го погодува голот на Милан Борјан за 1:1.

А Клуб Бриж го победи украинскиот Динамо Киев со 1:0 во последниот меч од денешната програма во квалификациите за Лигата на шампионите. Погодокот го постигна Ванакен во 37. минута од пенал.
РЕЗУЛТАТИ

АПОЕЛ – КАРАБАХ          2:0

ПАОК – АЈАКС   2:2

ДИНАМО ЗАГРЕБ – ФЕРЕНЦВАРОШ       1:1

КЛУБ БРИЖ – ДИНАМО КИЕВ   1:0

ЦРВЕНА ЗВЕЗДА – КОПЕНХАГЕН               1:1