Многу полемика донесе вчерашниот напис во СПОРТМЕДИА, во кој стоеше зошто е донесено новото правило „Младинец“ и на чија иницијатива. Дознаваме дека на ова најмногу инсистирале селекторот на У-21 Благоја Милевски, и координаторот на младинскиот фудбал Зоран Стратев. Токму затоа решивме во детали да го објасниме тоа правило кое во минатото во два наврти задаваше проблеми, се разбира со акцент на измените во истото. Најважно е што младинец под 21 година, кој игра за странска репрезентација а има и наш пасош, не може да се води како младинец кој би бил стартер во тимот. Тој може да игра, но не како младинец.

-Сите клубови учесници во Првата лига, првото полувреме мора да го започнат и завршат со еден домашен фудбалер, кој нема навршено 21 година

-За фудбалер под 21 година се смета секој играч или голман, кој на 15.06 во тековната година нема наполнето 21 година. Со тоа секој фудбалер под 21 година има право на настап во текот на целата натпреварувачка сезона

-Клуб кој првото полувреме го започне со фудбалер кој нема навршено 21 година, и истиот е исклучен или се искористени сите можности за измена (направени се три измени) нема обврска првото полувреме да го заврши со фудбалер кој нема навршено 21 година

-Домашниот фудбалер кој согласно правилата на ФИФА има право на настап и за странска репрезентација (на официјален натпревар), доколку пред или за времетраењето на првенството биде повикан и одбере да настапува за странската репрезентација, го губи статусот на фудбалер, кој нема навршено  21 година.

Кога сме кај голманите да споменеме дека новото правило вели дека во првото полувреме, место голман со под 21 година во игра место него може да влезе само голман или играч кој нема навршено 21 година.