Потполно неочекуван резултат на „Сент Јакобс парк“. Домашниот тим на Базел е шокиран од австрискиот претставник ЛАСК Линц во првиот меч од 3. квалификациско коло на Лигата на шампионите. По победата над ПСВ, очекувавме дека Базел лесно ќе го победи ЛАСК меѓутоа признаваме дека погрешивме. ЛАСК во своето второ излегување во елитното европско клупско натпреварување (првото во далечната 1965 година) успеа да ја забележи првата победа. И тоа прекрасна (2:1).

„Црно-белите“ од Линц направија чудо. Во второто полувреме поведоа со 2:0 со головите на Трунер односно Клаус, но Базел го ублажи поразот преку Зуфи во 87 минута.

Во Романија, првакот на таа држава Клуж одигра 1:1 против шкотскиот Селтик. Венецуелскиот репрезентативец Мануел Рондон го доведе Клуж во предност во 28. минута, но изедначи најдобриот стрелец на Селтик Џејмс Форест во 37. минута.

А Марибор немаше идеја и сила да го скроти разлетаниот Розенборг, поточно нивниот напаѓач Александар Содерлунд. Овој играч од 50 до 64 минута постигна два гола и го доведе норвежаните во предност од 2:0 на „Људски врт“, Таварес намали во 70. минута, меѓутоа само една минута подоцна Данецот Мајк Јенсен ја обезбеди победата за норвешкиот првак од 3:1.