Левиот бек на Селтик Киран Тирни ќе ја продолжи кариерата во лондонски Арсенал, откако „топчиите“ ги договориле сите услови со шкотскиот шампион. Така во последниот ден од преодниот рок Арсенал успеа да го комплетира трансферот на шкотскиот репрезентативец, а како што јавуваат британските медиуми Селтик ќе добие 27 милиони евра. Со тоа 22-годишниот лев бек станува најскапиот шкотски играч на сите времиња.

Договорот ќе биде потпишан на пет години, а се шпекулира дека неделната плата ќе му биде околу 80.000 евра.

Тирни од дебито во 2015 година па досега одигра 170 натпревари за Селтик. Но тоа не е се. Арсенал во текот на денот ќе активира уште една бомба – Давид Луиз од Челси. На трансферот се работи па можеме да видиме полноќен договор за бразилскиот репрезентативец.

А Тирни го собори претходниот трансферен рекорд на шкотски фудбалер стар 11 години. Во јануари 2008 година десниот бек Алан Хатон премина од Ренџерс во Тотенхем за 13 милиони евра. А воедно Тирни ќе биде и најскапиот фудбалер што од шкотската Премиер лига направил трансфер во друга држава, соборувајќи го трансферот на Муса Дембеле минатата сезона кој од Селтик прејде во Лион за 22 милиони евра.