Немаше отворање според посакуваното машката кадетска репрезентација на Македонија на Светското првенство во Скопје. Аргентина беше првиот џокер кој избраниците на селекторот Данило Брестовац го потрошија, но денешниот дуел со Нигерија (20:30 часот) во СЦ „Борис Трајковски“ е шансата за поправен.

Нигерија е аутсајдер на хартија, но факт е дека Македонија не смее да си дозволи таков драстичен пад како во првиот натпревар ако сака да се надева на првите бодови во групата Ц.

„Нигерија е сериозна репрезентација. И тие како нас се дебитанти на СП и дојдени се тука да учат. Морам да признаам дека и ние учиме и ние сме селекција од Б дивизија, ако реално зборуваме и и гледаме на вистината во очи. За разлика од Аргентина која е има ’помека’ игра, негува некој поопуштен, јужноамерикански стил на ракомет, Нигерија е многу борбена. Не чека малку поагресивен стил на дефанзива, повеќе тепаат…, а тоа ме плаши.

Сепак, добро ни дојде паузата по поразот. Верувам дека успеавме да се кренеме. Еден џокер потрошивме, но имаме уште за играње и за поправен денеска. Нападот потфрли на првиот меч, но се надевам дека ќе бидеме поефективни во офанзивата сега, а дека одбраната ќе го задржи нивото. Против Нигерија очекувам голема борба и победа“ – вели селекторот Данило Брестовац.

Македонија со истите сили ќе влезе во вториот дуел од групната фаза на СП.