Во сабота против Работнички, за првпат во својата клупска историја, екипата на Струга Трим Лум ќе одигра прволигашки натпревар. Деби сезоната која ги очекува стружани низ призмата на искусниот напаѓач Христијан Кировски…

„Па, нашите амбиции секако дека прво се да избориме опстанок во елитата, а ако може, ако ни се укаже шанса за нешто повеќе е тогаш истата нема да ја испуштиме. Струга Трим Лум има добар тим, „костурот“ од лани е задржан а донесени се уште неколку засилувања. Според мене ние можеме да изненадиме, да бидеме пријатно изненадување во нашата деби прволигашка сезона. Сепак најважно е како ќе ни тргне, како ќе го почнеме првенството. Еве веќе во сабота ни гостува Работнички, добар тим, голем клуб, ќе биде интересно во секој случај. Реков првенството ќе биде како никогаш досега израменото. Освен Шкендија сите останати екипи се тука некаде по квалитет, затоа важни ќе бидат секој гол, секој бод, секоја победа“ вели Христијан Кировски.

ДОЈДОВ ВО СТРУГА ПО НАГОВОР НА ТРЕНЕРОТ БЕЌИРИ

Нема сомневање дека, барем досега, најголемото засилување во Трим Лум е токму Кировски…

„Па искрен да бидам и јас сум изненаден дека сум во Трим Лум. Но по наговор на тренерот Јетон Беќири, кого исклучително го ценам уште од времето кога бевме заедно во Шкендија, решив да дојдам во Струга и верувајте дека не погрешив. Знам дека тој бара агресивна и напаѓачка игра, што мене како играч и напаѓач апсолутно ми одговора. Трим Лум е амбициозен клуб со амбициозен проект, апсолутно коректни луѓе, се е како што треба. Останува сега на нас играчите да одговориме на прволигашкиот предизвик“ заврши Кировски.