Откако второлигашките фудбалски и кошаркарски клубови, како и ракометните клубови кои настапуваат во Првата лига го кренаа својот глас против лошата распределба на сретствата за спортски ваучер под мотото „Нема ваучер, нема фудбал/кошарка/ракомет“, на денешниот состанок Агенцијата за млади и спорт вети дополнителни четири милиони евра за Федерации и клубови преку ваучер-системот со кој ќе се реши настанатиот проблем.

Исто така ќе бидат направени и измени во законот, а ќе им се даде моќ на Федерациите и клубовите сами да влијаат на донесувањето на критериумите за ваучерите. Секој спорт, односно Федерација треба да состави свое работно тело од тројца претставници кои ќе достават предлог критериуми најдоцна до следниот четврток во АМС.

Измени во законот ќе бидат ставени на гласање во Собранието на 10 септември, додека до 15 септември ветено е дека клубовите ќе може да си ги подигнат ваучерите.

Ваквиот заклучот значи дека државата од својот буџет одвои вкупно 10 милиони евра за спорт, а пари ќе има за сите!