Клучниот играч во победата на Македонија над Нигерија беше МВП играчот на дуелот, Ненад Костески. Крилото блескаше со 13 погодоци, имаше и една клучна украдена топка во финишот на мечот и со поддршка од тимот ги донесе првите два бода во групата Ц.

„Ова е прва победа на ова Светско првенство. Првиот меч го загубивме со Аргентина, но се обединивме, кренавме глава и сите заедно со помош на публиката дојдовме до посакуван триумф. Го добивме натпреварот и би сакал да им честитам на момците што одигравме добро во одбраната. Немаме време за одмор, сега не чека Бахреин, останува да направиме една мала анализа и да дојдеме до нова победа, вредна осминафинале на ова СП. Ќе се потрудиме сите заедно да дојдеме до посакувани бодови и пласман понатаму“, изјави Костески.