На денешен ден пред точно две години, Македонија и посебно Скопје, секако и Националната Арена, беа центарот на светот. На 8 август 2017 година, во нашиот главен град се одигра Супер Купот на УЕФА меѓу Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед. „Кралевите“ беа подобри со 2:1 и го однесоа трофејот на УЕФА. Тогаш Скопје блескаше, суредено, чисто, убаво. Ние скопјаните се гордеевме со нашиот град кој беше домаќин на фудбалските фанови од цела Европа.

На овој дел од Европа а и пошироко, ретко кој град, ретко кој стадион или Арена може да се пофали, освен Скопје, дека во ист момент на исто место имало гости како Џани Инфантино, Александер Чеферин, Флорентино Перез, Боби Чарлтон, Жозе Мурињо, Зинедин Зидан, Кристијано Роналдо, Пол Погба. Гости ние беа гигантите од Мадрид и Манчестер. Трибините беа преполни, вистинско фудбалско доживување. Неколку дена потоа првиот човек на УЕФА Александар Чеферин, со специјална плакета и се заблагодари на Р. Македонија и Фудбалската Федерација на Македонија за најдобро организираниот Супер Куп во историјата.