Носителот на двојната круна на домашната машка одбојкарска сцена, Џио Струмица ќе биде организатор на годинешното издание на Балкански клупски куп.

Струмичани кои по пауза од неколку години се враќаат во натпреварувањето кое е во организација на Балканската одбојкарска асоцијација (БВА), на кое победникот обезбедува и директен пласман во ЦЕВ Челинџ купот.

Конкуренција на македонскиот првак му се екипите на Млади Радник од Србија, потоа турскиот тим Токат Беледије, Борац од БиХ и Приштина Волеј од Косово.

Турнирот требаше да се одигра во средината на следниот месец (13-15 септември), но Одбојкарската федерација на Македонија и Џио Струмица побараа одложување за една седмица, односно 20-22 септември поради настапот на машкиот национален тим на Европското првенство.

И ОФМ и Џио Струмица ја чекаат официјалната потврда од БВА, по што ќе биде дефиниран и системот на натпреварување, со оглед на тоа дека за разлика од претходните години кога се пријавуваат само по четири екипи и се играше турнирски (полуфинале и финале) годинава има пет учесници и тоа ќе донесе новитет и во натпреварувањето.