Очекувано, Ливерпул го победи Норвич Сити во првиот меч од новата сезона во англиската Премиер лига. „Црвените“ на својот „Енфилд роуд“ не му дадоа ни трошка надеж на повратникот во англиската лига и уште по првото полувреме му дадоа до знаење дека нема што да бараат на овој меч. Победа на Ливерпул со 4:1!

Првиот гол во новата сезона всушност е автогол. Дивок Ориги нафрли, а Грент Хејли си ја затресе сопствената мрежа. Во 19. минута Мохамед Салах со убав гол зголеми на 2:0, а до крајот на полувремето погодија уште Ван Дајк и Ориги.

4:0 за Ливерпул, но и голем пех затоа што се повреди голманот Алисон (ПОВЕЌЕ ЗА ТОА НА ОВОЈ ЛИНК).

Во второто полувреме Норич некако ги среди редовите и заигра поактивно. Покажа зошто минатата сезона беше шампион во Чемпионшип. Финскиот напаѓач Тему Пуки ја затресе мрежата на нововлезениот голман Адријан.

Конечниот резултат 4:1 за Ливерпул. Четата на Јирген Клоп стартуваше фуриозно, а ќе видиме како ќе биде натаму. Норвич може да извлече лекција од овој пораз и да сфати дека ќе му треба многу повеќе ако сака да опстане меѓу великаните на англискиот фудбал.

Ливерпул нема пораз на „Енфилд“ во 26 натпревари против новаци во Премиер лигата (21 победи и пет ремија). Исто така „Црвените“ ја големија серијата без пораз од Норвич на 13 натпревари од кои 11 им се победи.

За крај една интересна работа за Мохамед Салах. Египетскиот напаѓач во дресот на Ливерпул погодил против 21 од 23 различни екипи во Премиер лигата. Не успеал само против Манчестер Јунајтед (во 4 меча) и Свонси (во 2 меча).