Во Германија пред стартот на новата сезона во Бундес лигата се игра првото коло на Купот, а таму уште на стартот се случи изненадување. А него го приреди мал клуб од регионалната лига (четврта по ранг) од мал град во Северна Рајна-Вестфалија и се вика Верл. Аматерите на свој терен пред максимални 5.000 навивачи го кутнаа бундеслигашот Аугзбург победувајќи го со 2:1. Да кажеме и дека овој клуб првпат излегува во 1. рунда на германскиот Куп по пауза од девет години.

Шокантни делуваа воведните 20 минути за клубот од Баварија. Марех Сухи си постигна автогол, а по него Рон Шаленберг погоди за предност на Верл од 2:0. Во 83. минута Андре Хан намали од пенал, меѓутоа немаше време за спас.

Ова е уште една сензационална победа на Верл во историјата после онaa во 1999 година над Борусија Менхенгладбах во рамките на 1.коло на Купот на Германија.

Инаку без проблеми во следната рунда поминаа Борусија Дортмунд (победа над Ирдинген), Борусија Менхенгладбах (победа над Сандхаузен), Баер Леверкузен (триумф над Ахен), Kaјзерслаутерн (триумф дома против Мајнц), Динамо Дрезден (триумд над Дасендорф), Шалке (подобар од нисколигашот Дрохтерсен/Асел), Ерцебирге Ауе (на гости го победи Нордхаузен)…