Вториот пораз на СП во Скопје, машката кадетска репрезентација ја забележа од Данска, фаворитот во групата Ц, 26:29 (11:13) во претпоследниот меч од групната фаза.

Македонија обезбеди пласман во осминафиналето, но за подобра позиција во него ќе се бори утре против Јапонија (20:30 часот).

Силната дефанзивна линија на Данците, како и нивниот голман Свенд Ругаве (првото полувреме го заврши со 10 одбрани) ни создаваше многу проблеми. Тешко го организиравме и уште потешко го реализиравме нападот, не погодивме ниту од седум метри, па гостите поведоа со 1:3, 2-5. Но, ги консолидиравме брзо редовите. Три интервенции на Кизиќ, две контри на Кондев и серија на Македонија од 4-0 што значеше и прво водство 6:5 во средината на полувремето. Имавме шанси и за два разлика, но Ругаве не го дозвол тоа. Повторно се одлепија Данците, 6:9, како и највисоки +4 (8:12), но по тајм-аутот на Данило Брестовац, нашите кадети повторно ја смирија играта и со погодоците на Серафимов и Костески на пауза заминавме со негатива од 11:13.

Лошо го отворивме продолжението, техничките грешки во нападот беа подарок за Данска, која преку полу-контра или контра ни го полнеше голот, за највисоки 13:19 по само пет минути игра во вториот дел. Брестовац реагираше со тајм-аут, а направи и ротација на голманите, Петковски влезе на местото на Кизиќ, но ниту тоа не помогна.

Во последните десет минути покажавме нов наплив на енергија, бевме агресивни во дефанзивата, Кизиќ одбрани, неколку загубени топки на Данците и Македонија се доближи на 25:27. Имавме шанси и за минус еден, ама Младеновиќ направи фаул во напад (пробивање). Проблеми во организацијата на нападот и одново четири негатива 25:29, додека со еден помалку го затвори мечот.