Пишува: Зоран Ѓоршоски

Конечно стартуваше ПМФЛ, викендов се одиграа сите пет мечеви од 1.коло. И веднаш, погледнете ја само фотографијата. Во средина е Боби Божиновски, кој го прославува првиот гол на мечот со Вардар, а лево и десно се Емини и Воша. Ништо чудно некој ќе рече, но има тука една „цака“, а таа е дека заедно Емини и Воша немаат толку години колку што има „вечниот“ Боби. Кој со 38 и набргу 39 години, и натаму просто „царува“ во нашата фудбалска елита. Тој беше вчера еден од најдобрите кај „лавовите“ во триумфот со Вардар, и стрелец на прекрасниот гол со глава за 1:0. Кога сме кај овој натпревар да кажеме дека Македонија ЃП може да жали што не го победи Вардар и повеќе од 2:0. Иако ослабена, иако драстично подмладена, четата од Ѓорче му покажа на Вардар како треба.

ПО 25 ГОДИНИ СТРУГА Е ПРВОЛИГАШКИ ГРАД

По цели 25-26 години Струга „дише“ прволигашки, сега е прволигашки град. Во саботата на Градскиот стадион, тимот на Струга Трим Лум со 2:1 го победи Работнички. Одличен меч, со пресврти, со многу шанси на двете страни, со „бомба“ на Мустафов. И се разбира полна трибина, таа посета од околу 1.500 гледачи придонесе за уште поубав впечаток од овој натпревар. Ова и требаше на Струга, тоа јавно за „СПОРТМЕДИА“ го кажа и славниот стружанец Артим Шаќири. Се виде уште на почеток од сезоната дека Трим Лум има добар, многу добар тим, тешко на сите кои ќе гостуваат покрај езерото. Ренова и Шкупи, сосема очекувано, но и не баш така лесно, славеа дома против Силекс и Борец. Кратовци и велешани не се предадоа така лесно, малку да беше фортуната на нивна страна, веројатно и крајниот исход на двата меча ќе беше поинаков.

ШКЕНДИЈА СЕДМА, ВАРДАР ПОСЛЕДЕН…

Шкендија загуби во Струмица, во дербито на колото, од Академија Пандев. Реално резултатот требаше да биде барем 2:5 за тетовци, но кој сега се сеќава на шансите, се паметат само чудесните одбрани на Чубраковиќ и мајсторскиот погодок на Сашко Пандев. Шампионот е во неверојатна реализаторска криза, цели 454 минути Шкендија нема гол од игра, тука ги сметаме само официјалните натпревари. Вардар пак, освен во тие први 20-25 минути, вчера беше лош, многу лош на дуелот со Македонија ЃП. Интересна е табелата по првото коло,  Шкендија е седма а Вардар последен. Не чека интересно првенство, не толку квалитетно, но супер интересно.

Збор – два и за „комитите“. Можеби топлото време, можеби тие +40 степени Целзиусови, се „виновни“ што се испотепаа сами меѓусебе фановите на Вардар. Се разбира дека ова е шега, се разбира дека треба да се осуди овој инцидент кој заврши со тешко повредени и приведени, но ова нема да биде ни прв ниту последен ваков случај.