Искусниот шпански тенисер Рафаел Надал го освои „Роџерс купот“ во Монтреал откако го декласира младиот руски тенисер Данил Медведев со 6:3 и 6:0 во 70 минутна игра. Медведев во првиот гем на сервисот на Надал имаше брејк шанса и се чинеше дека во ова финале ќе видиме голема борба, но откако шпанскиот ветеран спаси брејк шанса финалето во Монтреал го сврте во своја корист.

По губењето на првиот сет, играта на Медведев тотално се распадна па Надал вториот сет рутински го одработи не дозволувајќи му на противникот ниту еден гем.

А Надал го искористи неиграњето на Ѓоковиќ и Федерер во Монтреал и го одбрани трофејот кој го освои и минатата година, а сега има вкупно пет во Канада (2005, 2008, 2013, 2018, 2019). Ова е 35-ти трофеј од Мастерс 1000 серијата во неговата кариера.

Денеска почнува нов турнир од Мастерс 1000 во Синсинати, но Надал нема да игра.

Тој веќе направи скок на АТП листата со 7.945 поени го симна од второто место Роџер Федерер (7.460 поени). Лидер и натаму е Новак Ѓоковиќ (12.415 поени)