Со освојување на титулата на Мастерс турнирот во Монтреал, Рафаел Надал се најде на првото место на АТП-листата за 2019 година.

Секако, Новак Ѓоковиќ и натаму е број еден во генералниот пласман, во кој се сметаат бодовите од изминатите година дена, но ако се гледа само 2019 тогаш од викендов Србинот е зад Надал.

Ноле не настапуваше на Канада Опен и со 6.725 бодови е втор, додека освоената титула на овој силен Мастерс го крена Надал на лидерската позиција со 7.225 бодови. Третопласиран е Роџер Федерер (5.060).

Ѓоковиќ и Надал ќе ја водат главната трка за првото место во генералниот пласман, а на Србинот во прилог му оди тоа што Надал нема да настапи на турнирот во Синсинати, кој стартуваше синоќа.