Илија Несторовски добро ја започна својата авантура во тимот на Удинезе. Уште во подготвителниот период почна да дава голови што е мошне добро за неговиот стстус во овој тим.

Популарниот Нестор на два пати стрелаше на пријателскиот меч викендов против тимот на Сан Луиџи во чиј дрес настапи пак 18-годишниот Неат Абдулаи, Македонец кој е дел од овој италијански лигаш и кој има потекло од селото Жировница.

Абдулаи целиот свој живот е во Италија но одлично го говори македонскиот јазик и во ниту еден момент не заборавил од каде потекнува. Не заборави ниту да направи заедничка фотографија со репрезентативецот за чија држава секако дека и тој посакува да настапи еден ден.

„Кој не би сакал да настапува за Македонија, земјата од која потекнувам. Во моментов имам 18 години и летово се преселив во тимот на Сан Луиџи. Екипа во која мислам дека ќе напредувам доста и во која мислам дека ќе добијам сериозна шанса како млад играч. А што се однесува до Несторовски, навистина сум среќен што имав можност ете да настапам против Удинезе и против играч како што е тој. Со многу работа и малку среќа се надевам дека и јас еден ден ќе станам дел од Серија А каде што е Несторовски, а секако и дел од македонската фудбалска репрезентација каде што тој е еден од најдобрите фудбалери“, вели Абдулаи за Спортмедиа.