ФОТО: Pixsell

Динамо е во еуфорија. Елиминиран е Ференцварош, тимот ита кон групите на Лигата на шампионите. Македонскиот интернационалец Аријан Адеми одигра фантастично и беше најзаслужен за пласманот на Динамо во плеј-офот. Тој го отвори резултатот, а му асистираше на Олмо за третиот гол на „модрите“.

Кога Адеми излегуваше од игра во 69. минута, реагираше спортскиот коментатор на Арена Спорт Ивица Блажичко.

„Ве молам, драги гледачи, знам дека не е обичај на коментаторите да даваат оценки, но станете и дајте му аплауз на овој човек. Одигра за чиста десетка и заслужи да му се поклониме“, рече Блажичко.

А по мечот капитенот на Динамо изјави дека заслужено се во плеј-офот.

„Знаевме дека не чека тежок натпревар. Резултатот на крајот испадна во наша корист. Реално, мислам дека заслужено поминавме. Мислам… 52 удари, 25 во рамките на голот во два натпревари. Што повеќе да кажам? Морам да му се заблагодарам на Олмо за асистенцијата, а потоа му се заблагодарив на ист начин“, изјави Адеми.