Динамо Загреб се пласира во плеј-офот за Лигата на шампионите откако вечерва неочекувано лесно го победи унгарскиот шампион Ференцварош и тоа на негов терен. Резултатот на семафорот 4:0 во корист на Хрватите. Аријан Адми и Дани Олмо имаа фантастичен настап. Тие беа творци на два гола за популарните „модри“.

Аријан Адеми ја начна мрежата на Фради во 16 минута на асистенција на одличниот Дани Олмо. Само што почна второто полувреме Петковиќ поведе контра напад и погоди за 2:0, а по него Адеми му асистира на Олмо, а Шпанецот го зголеми резултатот на 3:0. Амер Гојак со фантастичен шут од 30-тина метри во 79. минута ја стресе домашната мрежа и ги постави конечните 4:0. Толчење до максимум!!!

Стефан Спировски не беше во составот на Ференцварош поради повреда.

БРИЖ ГО ПРЕЖИВЕА ПЕКОЛОТ ВО КИЕВ

А другиот Динамо, оној од Киев одигра реми против Бриж и испадна од Лигата на шампионите. Украинците бркаа негатива од 1:0 од првиот меч, а на домашен терен им требаше победа од два гола разлика. Во Киев се одигра луд меч со шест голови. Бујалски го доведе Динамо во водство, но изедначи Дели во 38 минута. Во вториот дел дури четири погодоци. Домашните поведоа преку Шепелиев и кога бараа трет гол ги „олади“ Фермер со гол во 88 минута. Во судиското продолжение паднаа уште два гола. Динамо одново поведе со автоголот на Мекеле, но само една минута подоцна Опенда ги постави конечните 3:3.