Македонската репрезентација до 16 години не успеа да обезбеди место меѓу најдобрите селекции на ЕП А Дивизија чиј домаќин е Удине. По оние одлични партии во групната фаза против силната Шпанија, а потоа и Израел и победата над Летонија, паднавме ниско против Русија која славеше убедливо со 70-45 (11-7, 19-11, 16-7, 24-20).

Андреј Митревски со 14 поени беше единствениот кошаркар со двоцифрена бројка.

По овој пораз, селекторот Денис Дервишевиќ и неговите момци ќе разигруваат за пласман од 9 до 16 место, а за противник ќе ја имаат Босна и Херцеговина. Според правилата последните три екипи ќе се преселат во Б Дивизија.

Трнавме без идеја во нападот, самиот факт дека победникот оди меѓу најдобрите осум екипи имаше влијание врз играта на двете репрезентации, но Русија успеа да се снајде подобро. Отвори со 6-0, а ние првите поени ги постигнавме на 4:45 минути до крајот на првата четвртина по која имавме негатива од четири поени (11-7).

Избраниците на Дервишевиќ не го надминаа оној хаотичен период, па во следниот период за кратко време на противникот му дозволија да дојде до првата двоцифрена предност 17-7. Никако не успевавме да се консолидираме, на одморот беше 30-18.

Ниту во продолжение не се вративме во ритам, одигравме еднакво катастрофално како во првата четвртина, постигнавме седум поени наспроти 16-те на Русија. Негативата беше двојно поголема и недостижна 46-25, па последните десет минути беа чиста формалност.