Поранешниот аргентински фудбалски репрезентативец, Хозе Луис Браун, кој во 1986 година со Марадона го освои Светското првенство откако во финалето ја победи Германија, почина на 62-годишна возраст.

Фудбалерот со прекар Тато, изведе херојски потег на тоа финале и го доигра натпреварот со исчашено раме, а беше и главниот виновник за водството на Аргентина од 1-0, со својот прв и единствен гол за националниот тим (мечот заврши 3:2 со победа на Аргентина).

„Веднаш по судирот почувствував неподнослива болка. Беше страшно, ужасно. Докторот дојде, а јас му реков – Немој ни да си помислил да ме извадиш од игра! Го одгризав предниот дел од дресот, го ставиви палецот внатре и така ја држев раката до крајот на мечот. Таа импровизирана бандажа издржа до крајот на финалето. Во животот минав низ толку тешки ситуации, за што!? За да треба да го напуштам теренот во финалето на СП поради удар во рамето? Дали сте луди!?“ – ќе сведочи години подоцна Луис Браун, кој остана во сенка поради мајсториите на Марадона.

На тоа СП Браун во последен момент добива шанса од селекторот Карлос Билардо и ќе ги одигра сите натпревари од првата до последната минута на тој мундијал, на кој ќе го крене и пехарот.