Веќе цела деценија, ако не и повеќе, познати се временските услови во август. Во овој период од годината пекол топло е во Скопје, во Македонија. И секогаш кога почнува новата сезона се апелира, се бара, се моли нешто да се преземе, но се е бадијала.

Кај нас и натаму се игра фудбал, тука говориме за оној прволигашки, од 17 до 19 часот, кога температурата е +40 степени Целзиусови, а на теренот каде што испарува тревата, веројатно и 50 степени. Жално беше да се следат сите пет натпревари во саботата и неделата, како гледачите се мачат а камоли играчите.

Едноставно тука нема фудбал. И затоа уште еднаш апелираме, молиме ако може нешто под итно да се преземе, па макар тоа било за следната сезона. Се разбира дека за овој проблем виновни се клубовите, тие на своите стадиони, кои ги пријавуваат како домашни мора да постават рефлектори, да се играат ноќни мечеви, како што тоа сега има намера да го прави Брегалница и секоја чест за тоа, или како што во минатите сезони тоа го правеа Работнички и Вардар, барем кога беше топло.

Клубовите мора да мислат и на здравјето на своите играчи, секако и на посетата. Па која будала ќе дојде да следи прволигашки фудбал на +40 степени, се разбира дека се е поинаку кога мечот започнува во 20 или 21 часот кога температурата ќе падне на подносливи 25-28 степени Целзиусови. А кога сме кај клубовите и нивната вина, еве еден податок. Имено неофицијално дознаваме дека еден клуб кој во првото коло беше домаќин, и покрај тоа што гостите се сложиле, не сакал или немал доволно средства мечот да го закаже за подоцна, да се игра под рефлектори.

Се разбира дека во оваа немаштија, беспарица, тешко се одвојува секој денар, но ова е итно. Тука не треба и ФФМ да има милост. Затоа совет до челниците на Фудбалската Федерација на Македонија. За стартот на следната сезона 2020/2021, да се донесе правило или пропис, секој клуб кој ќе биде домаќин на прволигашки натпревар да мора да има пријавено домашен стадион на кој ќе има рефлектори. И никако поинаку. Се разбира ако сака да игра во Прва лига.

И ако може една Брегалница, која најави дека сите мечеви во Втората лига – Исток како домаќин, ќе ги игра под рефлектори, тогаш можат и сите наши клубови кои играат во елитата да го сторат истото. Ако не, е тогаш нека играат во регион…