Пишува: Зоран Ѓоршоски

Шкендија е во криза, тоа е факт, тоа е кажано и напишано барем десетина пати од овој портал, од авторот на овој текст. За тоа причини има многу, за некои и самото раководство па и спонзорот е виновно. Клубот имаше лошо европско лето, и тоа е факт, но што сега, како понатаму. Шампионот е на крстопат,  клубот е во „каша“ и сето тоа треба да се надмине. А како!? Секако не со драстични мерки од типот место Ќато ќе дојде Соколи, или ајде сега да избркаме шестмина играчи, оние најскапите, најмногу што вредат. Се разбира дека за се има зошто и како, но клубот не смее да падне во замката на таа лутина, гнев, едноставно оние кои решаваат не смеат да си играат со Шкендија.

Не може еден лош резултат, еден пораз од Академија Пандев да биде причина Ќатип Османи да добие отказ. Сите ние знаеме дека Ќато правеше грешки на средбите со Номе Калју и Дуделанж, исто знаеме дека ова е лош период на Ќато, но дали само тој е виновен? Се знае како и кога дојде Фелипе, и дали тој беше толку потребен за оваа екипа. Со Фелипе „загубен“ е Тотре, со Хусмани „загубен“ е Зејнулаи. Но добро е да се има екстра квалитет за наши услови, и сега кога не се успеа во Европа факт е дека некои играчи се преголем товар за клубот.

Ќато многу добро знае што треба, посебно во вакви моменти. Но Ќато не може сам да дава голови, реално во Струмица требаше да биде 5:2 за Шкендија, а не 1:0 за Академија Пандев. Струмичани „умираа“ од среќа по мечот, просто не им беше јасно како тоа Шкендија загуби, а тие победија.

 

ДА, ТРЕБА МАЛО „ПРОВЕТРУВАЊЕ“ ВО ТИМОТ

Јасно е дека потребно е мало проветрување, но ако е вистина тоа дека Шкендија сака да им се заблагодари најмалку на шестмина свои ѕвезди, е тогаш тоа е навистина лошо. Лошо од аспект на домашната сцена. Без нив тетовци ќе се најдат на рамниште на еден просечен прволигашки клуб со никакви шанса за нова, трета по ред, или четврта титула вкупно. И кога сме веќе кај буџетот. И не е толку страшно, Шкендија со настапот во Европа и со продажбата на Муслиу, веќе половина од стредствата за сезоната, веќе си ги обезбеди.

Познато е дека меѓу челниците на Шкендија, меѓу оние кои даваат пари, незадоволството е големо, огромно. Но ова е фудбал, не секогаш и кога си најдобар победуваш. Ако е целта на Шкендија оваа сезона свесно да ја жртвува титулата и да продолжи да игра со младинци, тогаш во ред, тогаш некој нека искочи во јавноста и нека го каже тоа. И тоа е разбирливо, посебно ако се знае дека некој во Шкендија за овие 6-7 години буквално „истурил“ најмалку 15-16 милиони евра. Реално, објективно, Шкендија со оглед на квалитетот кој сега го има во однос на останатите наши екипи, може слободно во првите 5-6 кола ако не и повеќе, само да губи и на крај пак убедливо да биде прва. Но, Шкендија мора што побргу да ја мине оваа тешка криза, поради своето име, ретјтингот и големината. А таа нема да се мине со драматични резови, тука мислиме на менување нешто во стручниот штаб или кај играчите во голем број.

Да завршиме со тоа дека веројатно утре ќе биде денот „Д“ за Шкендија. Во текот на утрешниот ден би требало многу работи да бидат појасни, пред се околу тоа како ќе се одвива иднината на Шкендија.