Селекторот Данило Брестовац беше свесен дека Португалците се репрезентација која ја посакувавме и за која сметаше дека можеме да се носиме со неа на патот кон четвртфиналето. И вистина е, се носевме, но не успеавме да ја победиме…

„Имаме шанса да славиме, имавме еден разлика, но не успеавме. Се гледа дека со европска репрезентација ни е многу полесно да играме. Добро се носевме и париравме, за разлика од мечевите со селекции од азискиот ракомет и од африканскиот ракомет, се гледа дека ова е друго. Полесно е да одиграш во оној таканаречен европски шаблон. За нешто повеќе, ни фали добра физичка и техничка подготовка. Имаме уште многу работа, ако сакаме да извадиме играчи за А-репрезентацијата. Задоволен сум од десната страна, како и од голманите. Проблематична ни беше левата страна. Ќе биде успешна оваа генерација ако покрај Серафимов, Костески и Кизиќ извадиме уште некој ракометар. Знам дека постои разочарување, но ако сме искрени, ние сме селекција од Б-дивизија и треба да тежнееме што побрзо да дојдеме до А-дивизија. Исто, мора нашите играчи и да играат во клубовите во кадетска конкуренција. За разлика од нас, играчите на Португалија на пример, играат сите редовно во клубовите. Кај нас мора да ги промовираме овие млади играчи да почнат во лигите, а да ги скратиме странците“, изјави селекторот Данило Брестовац.