Јани Атанасов веќе година дена е во Бурсаспор, но Академија Пандев, неговиот поранешен клуб, нема видено ни евро од тој трансфер. Да потсетиме дека младинскиот репрезентативец на Македонија и еден од нашите најдобри млади играчи, минатиот јули за 100.000 евра направи трансфер од Струмица во Бурса. Со оглед на тоа дека Турците сеуште го немаат платено долгот, „пандевци“ целиот случај го пријавиле во ФИФА, па така сега тој долг нараснал до 150.000 евра, тука ги сметаме и каматите.

Бурсаспор е во проблеми, сега клубот е блокиран и не може да купува играчи, а последните вести од Турција велат дека Фудбалската Федерација на Турција ветила дека таа ќе го плати дел од долгот на Бурса. Секако дека за струмичани најважно е да „легнат“ парите во нивната клупска каса. Што се однесува до самиот Атанасов, тој ова лето игра редовно на пријателските за својот тим, па така се очекува во наредната сезона да има далеку поголема минутажа.