Најважниот натпревар на СП У19 во Скопје, кадетската машка репрезентација го игра вечерва, 20:45 часот, во СЦ „Борис Трајковски“ против Португалија во осминафиналето. Мечот, кој за Македонија значи „да се биде или не“, односно дали ќе влеземе меѓу најдобрите осум на мундијалот, или, пак ќе играме за пласман од 8 до 16 место.

Португалија е најпријатното изненадување на СП, затоа што е екипа која како замена влезе на СП, односно со „вајлд-карта“ од ИХФ на местото на земја од Океанија, која не прати претставник. Португалците имаат „пет од пет“ и се без пораз по групната фаза, притоа изненадувајќи ги сите, па дури и главниот фаворит Германија.

За разлика од нив, Македонија иако со големи амбиции влезе на првенството, на теренот тоа, досега, не успеавме да го докажеме. Две победи над Нигерија и Бахреин и три порази од Аргентина, Данска и Јапонија, е скорот со кој се најдовме во осминафиналето.

Но, елиминациите се еден меч и можеби најважната шанса за докажување. Селектотор Данило Брестовац и момците ставаат се на една карта, а дали можат до четвртфиналето, ќе зависи од играта која ќе ја презентираат вечерва.

Влезот во СЦ „Борис Трајковски“ е слободен, а дуелот ќе има и директен пренос на ТВ Телма.