Машката одбојкарска репрезентација на Македонија утре, рано наутро со лет Скопје – Загреб – Букурешт, а потоа со автобус до Крајова патува на првиот пријателски двомеч во подготовките за премиерниот настап на Европското првенство во септември.

Двомечот со Романија го играме на 17 и 18 август, а селекторот Никола Матијашевиќ на располагање ќе има 15 одбојкари, откако се предомисли и одлучи Александар Милков да патува со тимот.

„Стошиќ ќе биде единствениот кој ќе недостасува поради повреда, додека Александар Милков ќе патува со нас во Романија. Одлучив дека е подобро да биде со екипата, да тренира со нас, иако уште не е подготвен за да се натпреварува, но ќе пробаме, па ќе видиме како ќе се чувствува“, објасни за СПОРТМЕДИА, селекторот Матијашевиќ.

Поради проблемите со повреди Матијашевиќ истакна дека одработиле добро подготовки, но постои мало заостанување во тактичко-техничкиот дел, но и тоа ќе биде надоместено преку контролните дуели.

„Одлично работевме во Маврово, но проблемите со повредите не ни дозволија да работиме на играта според планираното и имаме мало заостанување во техничко-тактичкиот дел. Поради тоа против Романија нема резултатот да биде приоритет, иако ќе биде добро да освоиме сет, два, три… Романија треба да биде прв показател на тоа во која насока да се движиме во продолжението на подготовките“, додаде селекторот на Македонија.