По само 2.5 месеци од легендарниот меч од последното коло во минатиот шампионат, кога Шкупи во последните секунди го победи Работнички и обезбеди пласман во Европа, во сабота нова средба. Нов дуел на старите скопски ривали, големо дерби, едно од најголемите во ПМФЛ.

Работнички – Шкупи е дербито на 2.коло, овојпат нема да биде битка за Европа, но ќе биде многу интересно. Кај едните големата желба за одмазда, а кај другите да продолжат во исто темпо, победнички. Честа да суди на овој натпревар ја доби Игор Стојчевски, еден од нашите најдобри судии, кој од сезона во сезона се наметнува како делител на правдата за големи мечеви.

Се разбира дека овие мечеви се тешки за судење, посебно кога е напнато, кога една грешка или кикс го решава победникот, но Стојчевски покажа дека знае да се справи со сите околности на вакви дерби натпревари. Ќе треба да ја докаже својата класа и пред ТВ екраните зошто овој меч, започнува во 17 часот и се игра на Арената „Тодор Проески“, ќе биде пренесуван на Арена Спорт и МРТВ.