Вечерва со натпреварот Баерн-Херта се крева завесата на новата сезона во најсилната германска лига – Бундес лигата. А за нас ќе биде интересна не само од возбудувањата што ги носи самиот шампионат туку и од тоа што после четири години на терените ќе видиме и еден македонски фудбалер. Тоа е Дарко Чурлинов кој со својот Келн минатата сезона избори пласман од Цвајте во Бундес лигата, па ќе се обидат да одиграат квалитетно, а не да бидат само епизодна улога.

А имаат причина за тоа, затоа што беа шампиони во Цвајте и покажаа дека имаат капацитет за големи работи. Тренерот Аким Берлорцер вклучи неколку фудбалери од младинскиот погон во сениорскиот тим, а меѓу нив и Дарко Чурлинов, новопечениот македонски репрезентативец. Тој беше еден од најдобрите напаѓачи во младинските лиги, па заслужи да добие шанса во А тимот. Во подготвителниот период беше одличен, постигна и неколку голови, па се очекува негово деби во Бундес лигата.

Берлорцер одлучи да го вклучи Чурлинов во тимот за утрешното гостување кај Волфзбург во 1. коло.

Скопјанецот ќе биде првиот македонски фудбалер што ќе заигра во најсилната германска лига по пауза од четири години. Последен тоа го направи Николче Новески во мај 2015 година на последниот свој меч во дресот на Мајнц кога ја носеше капитенската лента против Баерн Минхен.

НАЈМНОГУ ФУДБАЛЕРИ СМЕ ИМАЛЕ ВО БУНДЕС

Чурлинов е 18-ти македонски фудбалер што ќе заигра во Бундес лигата. Претходно, покрај Новески, тоа биле Саша Ќириќ (Нирнберг, Ајнтрахт Франкфурт), Игор Митрески (Енерџи Котбус), Тони Мицевски (Ханза, Енерџи), Дарко Панчев (Фортуна Дизелдорф), Митко Стојковски (Штутгарт), Александар Васовски (Ајнтрахт), Ванчо Балевски (Карлсруе), Методија Спасовски (Сарбрикен), Ока Николов (Ајнтрахт),….

Всушност, во Бундес лигата сме имале и најмногу фудбалери.