Многумина се изненадија од одлуката на Барселона да го даде под наем Филипе Кутињо во Баерн Минхен. Иако се зборуваше за продажба, па тие пари да ги искористат за купување на Нејмар, сепак, постигнат е поинаков договор. Во касата на „Каталонците“ нема да се слее ниту цент од зделката со Баерн околу Кутињо.

Имено „Баварците“ го земаа Бразилецот, чија вредност се оценува на 150 милиони евра, на позајмица на една сезона и за тоа задоволство ќе платат 20 милиони евра со опција да го откупат неговиот договор идната година.

Но сите тие 20 милиони евра ќе заминат во касата на… Ливерпул! Имено од таму Кутињо дојде во Барселона, а „Црвените“ задоволно тријат раце затоа што токму толку пари изнесуваат бонусите кои „Каталонците“ треба да ги платат како дел од зделката во јануари 2018 година.

Единствено на што Барса може да се надева од трансферот во Баерн, е што апсолутно целата плата на Бразилецот ќе ја преземе германскиот клуб. Првично шампионот на Бундес лигата се обидел да избоксува платата да биде поделена, но Шпанците не го сакале тоа.

Па Кутињо ќе продолжи да добива 20 милиони евра годишно, а со тоа автоматски станува најплатениот играч во Бундес лигата.