Машката одбојкарска репрезентација со пораз од Романија, 0:3 (17:25, 20:25, 22:25) ја започна серијата подготвителни натпревари во пресрет на премиерата на Европското првенство во септември. Во договор на селекторите репрезентациите одиграа и дополнителен четврти сет, кој „спартанците“ исто така го загубија со 17:25.

Селекторот Никола Матијашевиќ уште пред заминувањето за Крајова најави дека резултатот не е приоритет, со оглед на тоа дека по едномесечна изолација во Маврово селекцијата ќе го одигра првиот пријателски натпревар.

Она што можеше да се види на средбата е дека нозете на нашите репрезентативци се се уште тешки и како главен проблем ни беше слабата реализација на блокот и поставеноста на одбраната. Но, со оглед дека ова е самo прв меч, се очекува многу подобро издание на тимот во утрешната втора контрола со Романците.