Вчера со натпреварот помеѓу Денизли-Галатасарај е крената завесата на новата сезона во турската Суперлига. Оваа сезона е малку поинаква од претходните затоа што клубовите не се расфрлаа премногу со пари, слабо пазареа за разлика од претходните сезони, повеќе се потпреа на млади домашни играчи, а секако ќе видиме како ќе бидат спроведени и новите правила пропишани од Турскиот фудбалски сојуз.

Да тргнеме со правилата, а најважните се: построги мерки во борбата против навивачкото насилство на стадионите и надвор од нив и тоа што судиите добија поголем авторитет. На клубовите им е дозволено да си одберат приватно обезбедување, а на навивачите и играчите им е забрането да внесуваат алкохолни пијалоци на стадионите плус ќе има строги санкции оние што ќе дивеат на стадионите – од пет до десет години затвор.

ТУРЦИЈА 1 – 1.коло

ДЕНИЗЛИ – ГАЛАТАСАРАЈ          2:0
Сабота
18.15     Г’БИРЛИГИ – РИЗЕ          1Х&2+
20.45     СИВАС – БЕШИКТАШ     2
20.45     КАЈЗЕРИ – АЛАЊА          0-2
Недела
18.15     КОЊА – АНКАРАГУЧУ    0-2
20.45     МАЛАТИЈА – БАШАКШЕХИР      0-2
20.45     КАСИМПАША – ТРАБЗОН            2
20.45     ГЕЗТЕПЕ – АНТАЛИЈА     3+
Понеделник
19.00     ФЕНЕРБАХЧЕ – ГАЗИЈАНТЕП       1&3+

ТОП 5 ТРАНСФЕРИ

1.Адем Љајиќ (Рома-Бешикташ)            6.500.000

2.Кристијан Луиндама (Стандард-Галатасарај)               5.000.000

3.Бернард Менса (Атлетико М. – Кајзериспор)              3.600.000

4.Ведат Муриќи (Ризе – Фенербахче)  3.500.000

5.Енцо Кривели (Каен-Башакшехир)   2.700.000

* сумите се во евра

Секоја сезона е именувана по некој легендарен игра, а оваа сезона е именувана по Џемил Уста, поранешниот турски репрезентативец и легендарен играч на Трабзон.

Оваа сезона е посебна по уште нешто. Имено само еден странски тренер ќе работи во Супер лигата. Тоа е романскиот тренер Мариус Шимудица кој го води новакот Газишехир Газијантеп. Сите останати се потпираат на домашни стратези, што е за првпат после подолго време. Поради финансиските проблеми, голем дел од клубовите се потпреа на млади домашни фудбалери па некои од нив сигурно ќе заблескаат и ќе се најдат и во дресот на турскиот национален тим. Тоа пред се се однесува на Фенербахче кој се ослободи од голем број на играчи за да го растерети буџетот.

ФАВОРИТИ ЗА ТИТУЛАТА

Галатасарај, Башакшехир и Бешикташ! Тоа е триото кое лани се бореше за титулата, а ќе се бори и оваа.

Галата вчера доби тупаница од Денизли, но и покрај губењето на три бода „лавовите“ се прв фаворит за титулата. Она што е најважно тие ја продолжија соработката со „императорот“ Фатих Терим. Ќе видиме што може Башакшехир кој несреќно испадна од трката по титулата во последните кола. Можеби ова ќе биде нивна сезона? Ќе видиме. Им замина неуморниот борец Емре (во Фенербахче), потоа Кудријашов и Ерден, но беа донесени замени во Кривели, Мигуел Виеира и Азиз Бениш. А имаат и нов тренер, некогашниот репрезентативец Окан Бурук.

Бешикташ го напуштија Торе, Пектемек, меѓутоа дојдоа Даглас, Виктор Руиз, а го откупија договорот на Адем Љајиќ. Тука се и неколку играчи од младинскиот тим. Абдула Авчи седна на клупата, човекот кој лани не успеа да ја освои титулата со Башакшехир.

Фенербахче со ланскиот очаен настап, а и со летната реконструкција не му се даваат големи шанси за сензационален резултат. Го продадоа Елмас во Наполи, ги ослободија Валбуена, Солдадо, Нојштетер, Озбајракли, Шкртел, Којбаши и голманот Волкан.

Регрутираа осум фудбалер од У21 тимот, како слободен играч дојде искусниот Емре, а за мали пари беа ангажирани косовскиот голгетер Ведат Муриќи, потоа бекот Туруџ и данскиот централен бек Занка. Нов голман е Алтај кој дојде од Анкарагучу.

Фаворит од сенка, ако не за титула, барем за место меѓу првите 5 е Трабзон. Оваа екипа е незгодна, добро игра против истанбулските великани, но се сопнува од помалите. Тоа е болка која се провлекува сезони наназад, а ќе видиме дали тренерот Унал Караман нашол лек.

Малатија скоцна интересен тим, а очекуваме многу голови од македонскиот напаѓач Адис Јаховиќ. Тимот испадна од Партизан во дебитантскиот настап во Европа, па може комплетно да се фокусира на првенството.

БОРБА ЗА ОПСТАНОК

Тука има многу кандидати: Анкарагуџу, Алања, Касимпаша, Гезтепе, Газишехир Газијантеп, Генчлербирлиги, Ризе и Сивас. Се се тоа донекаде изедначени по квалитет.