Минаа две години од нашиот најголем репрезентативен фудбалски успех. Од ЕП 2017 летото во Полска, на кое учествуваше и нашата млада репрезентација до 21. година. Самиот пласман беше историски, а се чини дека можевме и повеќе на дуелите со Шпанија, Србија и Португалија на тој евро-самит. Но тоа не е тема, туку нешто друго. Имено сакаме да видиме каде се сега, каде играат, тие 23 фудбалери кои учествуваа на ЕП. А таа златна генерација, со играчи кои ги нарековме „херои“,е распрсната низ светот. Ги има во клубови од Македонија до Јапонија, од еден Наполи па се до втора лига на Далечниот Исток.

Се разбира дека прва ѕвезда сега е Елиф Елмас кој ова лето направи трансфер од соништата. Добро оди и Енис Барди во Леванте, инаку тој со тие 15 милиони евра моментално е нашиот највреден фудбалер. Секако тука се и Бобан Николов и Висар Муслиу во МОЛ Фехервар.

НАЈГОЛЕМО РАЗОЧАРУВАЊЕ Е БАБУНСКИ…

Најголемо разочарување е Давид Бабунски, можеби најталентираниот играч од таа генерација. Откако не успеа во Барса, сега игра во Омија, тим од Втората јапонска лига, замислете. Факт е дека Бабунски му е потребен на мак – фудбалот, се чини дека сеуште не е доцна, но за тоа треба тој да се врати во Европа. Кој ли го гледа во Јапонија, посебно во втората тамошна лига.

ДЕМИРИ НЕ Е ВЕЌЕ МАКЕДОНЕЦ

Бесир Демири, во таа генерација важеше за играч кој може да игра на повеќе позиции. И тоа како лев бек, но и како играч за врска. Сето тоа го играше во Шкупи, Шкендија и Вардар, а сега игра за Жилина. Но сега тој не е повеќе Македонец, реши да игра за најдобрата селекција на Албанија. Инаку има играчи кои се без клуб, и тоа како Виктор Ангелов, а не се знае ситуацијата на Петар Петковски во Жил Висенте. Некои немаа среќа, како на пример Игор Алексовски, кој прво имаше страотна конкуренција во Вардар за да потоа во Шкупи потешко се повреди. Поради повреда речиси една година загуби и Дарко Велковски. Разочарување е и тоа како тече кариерата на еден Никола Ѓорѓев, тоа момче за овие две години можеше и мораше подобро. Сега игра во втората лига во Швајцарија, во сепак славниот Грасхоперс.

ДЕСЕТМИНА ВО А СЕЛЕКЦИЈАТА

Од тие 23 играчи, дури десетмина постојано, се разбира кога се здрави и во добра форма, се на списокот на Игор Ангеловски, селекторот на нашата најдобра репрезентација. А  тоа се Ѓоко Зајков, Дарко Велковски, Егзон Бејтулаи, Бобан Николов, Енис Барди, Кире Маркоски, Марјан Радески, Елиф Елмас, Дамјан Шишковски и Висар Муслиу. Може да се каже дека токму „хероите“ се „костурот“ на нашата најдобра репрезентација. Добрите резултати на нашата А селекција во последните две години се и поради нив.

МИЛЕВСКИ ПОВТОРНО СЕЛЕКТОР НА У-21

Селектор на таа генерација беше Благоја Милевски, тој и сега е предводник во пресрет на стартот на новите квалификации за ЕП 2021 година. По Полска тој се повлече, работеше во Израел, имаше неколку понуди од повеќе клубови, но сепак реши да се врати таму каде што е најдобар, тој ја прифати понудата на ФФМ и одново е предводник на репрезентацијата на Македонија до 21 година, но сега тоа е некоја нова генерација.

 

СПИСОК НА У-21 НА ЕП ВО ПОЛСКА

ИГОР АЛЕКСОВСКИ (Шкупи)

ЃОКО ЗАЈКОВ (Шарлероа – Белгија)

ДАРКО ВЕЛКОВСКИ (Ријека – Хрватска)

ЕГЗОН БЕЈТУЛАИ (Шкендија)

БЕСИР ДЕМИРИ (Жилина – Словачка)

ДАВИД БАБУСКИ (Омија – Јапонија)

БОБАН НИКОЛОВ (МОЛ Фехервар – Унгарија)

ЕНИС БАРДИ (Леванте – Шпанија)

ВИКТОР АНГЕЛОВ (???)

КИРЕ МАРКОСКИ (АЕЛ Лимасол – Кипар)

МАРЈАН РАДЕСКИ (Шкендија)

ЕЛИФ ЕЛМАС (Наполи – Италија)

НИКОЛА ЃОРЃЕВ (Грасхоперс – Швајцарија)

ТИХО КОСТАДИНОВ (Ружомберок – Словачка)

ПЕТАР ПЕТКОВСКИ (Жил Висенте – Португалија)

ДАМЈАН ШИШКОВСКИ (Работнички)

ЈОВАН ПОПЗЛАТАНОВ (Вардар)

ДАНИЕЛ АВРАМОВСКИ (Вардар)

МЕВЉАН МУРАТИ (Шкендија)

ВИСАР МУСЛИУ (МОЛ Фехервар – Унгарија)

АЛЕКСА АМАНОВИЌ (Јавор – Србија)

ФИЛИП ПИВКОВСКИ (Ангелхолм – Шведска)

ФИЛИП ИЛИЌ (Вардар)