Македонија во есенскиот дел во сезоната 2019/2020 тргнува со седумина интернационалци во ТОП – 5 лигите во Европа. И секаде имаме претставник, само не во Премиер лигата. Малку недостасуваше тимот на Езџијан Алиоски, Лидс, оваа сезона да игра во најдобрата лига во светот, но „глупоста“ на Марсело Биелса си го стори своето.

А тие ТОП – 5 лиги се Премиер, Ла Лига, Серија А, Бундес лигата и Лига 1. Во Англија веќе рековме немаме претставник, затоа во Италија застапени сме со тројца. А тоа се Горан Пандев (Џенова), Елиф Елмас (Наполи) и Илија Несторовски (Удинезе). Во секој случај за нас ќе биде супер интересно кога ќе се среќаваат репрезентативните колеги меѓу себе. Да споменеме дека ова лето Елмас го направи најголемиот трансфер на некој наш играч кога премина од Фенернахче во Неапол, додека Нестор од Палермо се пресели во Удине.

Во Шпанија имаме двајца, а третиот Столе Димитриевски ќе игра во Рајо Ваљекано, во втората шпанска лига. Но којзнасе, можеби и Столе ќе прифати некоја понуда од екипа од Ла Лига. Засега таму се Енис Барди во Леванте и Александар Трајковски во Мајорка, тој ова лето се пресели од Палермо во Мајорка.

Во Германија го имаме нашиот голем талент Дарко Чурлинов, кој веќе почна да игра за првиот тим на Келн во Бундеслигата. И на крај во Франција, тука е Влатко Стојановски кој веќе го имаше своето деби во Лига 1 во дресот на Ним. Да се надеваме дека оваа бројка на Македонци кои играат во најдобрите пет лиги во светот набргу ќе биде уште поголема. И дека ќе имаме играч кој ќе го претставува мак – фудбалот и во Премиер лигата.