Во сабота на Националната Арена „Тодор Проески“ со почеток од 17 часот, ќе се одигра 68. соседско дерби меѓу Вардар како домаќин и Работнички како гостин. Воедно тоа е дуел и меѓу нашите најтрофејни клубови. Стратегот на „романтичарите“ Александар Влахо, беше три години дел од Вардар, тој беше во стручниот штаб на Гоце Седлоски, а со Александар Васоски, сегашниот стратег на Вардар заедно имаат работено четири години, три во Вардар и една во Металург.

„Добро се познавам со Васоски, добро ги знам приликите во Вардар. Секако дека ќе ми биде чудно во сабота зошто ќе водам екипа против мојот некогашен клуб, но така е тоа во фудбалот. Не знаеш утре против кого ќе играш. Инаку секако дека моја голема желба е во сабота Работнички да го победи Вардар. Ќе се надмудруваме тактички со Васоски, имаме подготвено нешто, се надевам дека тоа на теренот и ќе се оствари“ вели Влахо.

СОСЕДОТ Е ОПАСЕН ВО ОВАА СИТУАЦИЈА…

На Вардар не му тргна најдобро оваа сезона…

„И затоа ќе биде опасен, ќе сака по секоја цена да дојде до трите бода. Вардар е под притисок, но Вардар има и мала предност во однос на Работнички. Вчера вардарци не играа во Купот, а ние во Кичево имавме натпревар со Влазерими. Значи свежината ќе биде на страната на противникот. Исто така ние сме хендикепирани и поради тоа што имаме тројца – четворица играчи во селекцијата до 18.години, на кои не можеме да сметаме. Имаме проблем и со Страхиња Крстевски, кој е повреден и нема да игра. Но сепак ние сме Работнички, одиме на да се надигруваме, одиме на победа. Тука нема дилеми. Мислам дека тоа ќе биде добар натпревар, ќе има веројатно и публика зошто Вардар по долго време се враќа на Арената. А ќе победи оној кој што ќе има поголема желба да дојде до тие три бода“ констатира стратегот на Работнички.

РУТИНСКИ ДО 1/8 ФИНАЛЕТО ОД КУПОТ

За она што се случи вчера, Влахо истакна…

„Ја остваривме целта, немавме многу можности за ротација со оглед на тоа дека ни недостигаа неколку играчи како што кажав. Во првиот дел со оглед на топлото време малку и се мачевме со Влазерими, сепак водевме со 1:0 и го контролиравме резултатот. Подоцна работите си дојдоа на своето место и победивме со 4:0. Јас сум задоволен. Сега сите мисли се кон саботното дерби со Вардар“ изјави за СПОРТМЕДИА Александар Влахо, шефот на струката на Работнички.